Српската репрезентација има голем и неочекуван проблем пред гостувањето во Осло, задутре на дуелот со Норвежаните што ќе одлучува за првото место во четвртата група од Б сегментот.
Популарните Орли ќе мораат да одат на победа веројатно без најдобриот стрелец Александар Митровиќ, кој се повреди на дуелот со Шведска, одигран вчера.
Популарниот Митрогол е во топ форма, вчера го постигна првиот хет-трик во кариерата за српската репрезентација, но неговиот настап на „Улеви“ во Осло, задутре од 20.45 часот е неизвесен.
За Србија сигурно нема да играат Сегеј Милинковиќ-Савиќ и Урош Рачиќ поради жолти картони, па изостанок и на Митровиќ би бил голем хендикеп на меч на кој мора да се победи за прво место во групата и пласман во А сегментот.
Норвешка и Србија имаат по 10 бода и нивниот дуел одлучува за тоа кој ќе биде прв во четвртата група.
Домаќините имаат предност и ако не загубат ќе се пласираат во А сегментот, бидејќи ја победија Србија на гостински терен со 1:0.
Ако Митровиќ не игра во вторник ќе изостане и очекуваниот дуел на двајцата најдобри стрелци од Премиер лигата.
Ерлинг Халанд ќе го предводи нападот на Норвежаните, а тој е прв стрелец во англиското првенство со 11 гола, пред Митровиќ и Хари Кејн со по шест гола.