Голем удар за Реал Мадрид – Алаба нема да игра против Манчестер сити

Олраунд-дефанзивецот на Реал Мадрид, Давид Алаба, нема да игра утре против Манчестер сити во реваншот од полуфиналето во Лигата на шампионите.

Австрискиот репрезентативец ризикуваше на првиот дуел во Англија, што го доби Манчестер сити со 4:3, и играше повреден, но сега нема да може поради проблемите со бутниот мускул.

Алаба издржа едно полувреме на „Етихад“ и потоа беше заменет со Начо Фернадес.

Алаба е многу важна алка во тимот на шпанскиот гигант, бидејќи е поливалентен дефанзивец што може да игра и како стопер и десен бек, па дури и со одбранбени задачи во средниот ред.

Најавено е дека ќе го замени Начо, а Реал имаше доста проблеми сезонава во Лигата на шампионите со одбранбениот ред.

Во реваншот во осминафиналето против ПСЖ не играше Менди, го замени Начо, а Реал успеа да ја анулира негативата од 0:1 и да победи со 3:1 за пласман во четвртфиналето.

Таму играа со Челзи, а Милитао не играше во реваншот, повторно Начо место него беше стопер, а Реал успеа по продолженија да се извлече и да се пробие во полуфиналето.

Сега повторно Кралскиот клуб е во ситуација да брка негатива, загуби со 4:3 од Сити на „Етихад“ и повторно има отсутен стандарден дефанзивец, бидејќи Алаба не е фит и нема да игра.

Мечот ќе се игра утре од 21 часот на „Сантијаго Бернабеу“ во Мадрид.

 

 

- Оглас -

Најнови вести