Голема голманска криза во Баерн, против Аталанта ќе брани 16-годишно момче

Баерн се најде во големи проблеми пред дуелот од Лигата на шампионите против Аталанта. Тројца голмани се повредени, па така меѓу диреците веројатно ќе дебитира 16-годишниот Леонард Прескот.

Ситуацијата во Минхен е хаотична. Легендарниот Мануел Нојер веќе подолг период не може да брани, а потоа повреди добија и резервите Јонас Урбиг и Свен Улрајх. Урбиг доживеа потрес на мозокот во дуелот со Аталанта, додека Улрајх е повреден од мечот против Баер Леверкузен, па двајцата нема да можат да настапат на реваншот во среда.

Во вакви услови, шансата ќе ја добие Прескот, кој неодамна беше повикан во првиот тим и може да дебитира на големата сцена. Роден е во Соединетите Американски Држави, но брани за германската репрезентација. Тој е член на У19 селекцијата на Германија и веќе беше дел од тимот во првиот меч против Аталанта.

Во моментов тренерот Венсан Компани нема друг избор, бидејќи и голманот на вториот тим, Леон Кланац, е повреден. Ова претставува незапаметена голманска криза за Баерн.

Деби со 16 години во Лигата на шампионите ќе значи исполнување на сон за Прескот. Добрата вест за Баерн е што првиот меч во Бергамо го добија со 6-1. Прескот веќе има висина од 196 сантиметри, а од неговите тренери добива многу пофалби.

„Технички е неверојатен. Понекогаш човек помислува дека лесно би можел да игра и на теренот. Многу е храбар и развиен за својата возраст“, истакна тренерот на У19 тимот на Баерн, Петар Гајдаров.

Клубот е свесен дека Аталанта ќе се обиде уште од првата минута да го тестира младиот голман. Италијанците играат висок пресинг, често шутираат од различни позиции и се обидуваат да го наведат противничкиот голман на грешка.

Баерн Минхен е познат по долгорочните проекти, а Леонард Прескот многу лесно може да стане еден од симболите на новата генерација баварци.

- Оглас -

Најнови вести