Иако е второлигашка конкуренција, германската Цвајте е една од најпосетените лиги во Европа и во светот. Навивачите секогаш даваат голема поддршка за своите омилени клубови, а така се очекува да биде и утре во Бохум, каде што домашниот тим го пречекува Шалке.
Шалке е лидер на табелата со 39 бода, додека Бохум има освоено само 23 бода е и на три бода од зоната за испаѓање, што значи дека домаќините се под притисок да победат.
Овие два клуба како свои примарни бои ги имаат белата и сината, па затоа домашните навивачи бурно реагираа кога дознаа дека челниците на Бохум решија на средбата против Шалке да играат во црни дресови, а не со стандардните сино-бели дресови за домашни средби.
Пред неколку дена беа преставени новите црни дресови на Бохум, кои беа во лимитирано издание. Иако овие дресови предизвикаа контроверзии, сите беа распродадени.
Сепак, дури 12 навивачки групи на Бохум, меѓу кои се и најактивните, објавија заедничко соопштение со јасна порака дека не сакаат нивните миленици да ги видат во црни дресови на локалното дерби против Шалке.
„Од клубот бараме екипата во сабота на мечот против Шалке да настапи во сино-бели бои и да се откажат од носењето на посебните дресови“, стои во соопштението на навивачите, кои бараат нивниот тим секогаш дома да игра во нивните традиционални бои.
Бохум ќе игра во сино-бела комбинација против Шалке, но челниците на клубот не ја исклучија можноста на некоја од следните средби кога ќе бидат домаќини сепак да играат во посебните дресови во црна боја.

