Олександер Усик вечерва ќе ги брани титулите во ВБА, ВБО и ВБЦ боксерските организации, а негов предизвикувач ќе биде Тајсон Фјури. Ова всушност ќе биде реванш кој Британецот го бараше по поразот во февруари оваа година.
Борбата ќе биде во Ријад, Саудиска Арабија, а треба да започне по 22 часот по македонско време. Според квотите во Sport Life, Усик е во улога на фаворит да го одбрани тронот, но факт е дека Фјури многу напредуваше на физички план во изминативе 10 месеци.
Британецот Фјури на соочувањето пред мечот се појави со голема брада, што исто така е промена од првиот меч, кога беше целосно избричен. Усик кога виде дека Фјури е со голема брада, веднаш реагираше кај организаторите и побара Британецот да се избричи.
Сепак, ова барање на Усик не беше прифатено, па Фјури ќе боксува со брада. Боксерите знаат дека токму брадата може да биде сојузник на тој што ја носи затоа што таа може значително да го амортизира ударот на противникот.
На официјалното мерење на двата боксери, Фјури имаше 127,4 килограми, додека Усик беше безмалку 25 килограми полесен, односно 102,5 килограми.