Талентираниот македонски фудбалер Лука Станковски од вчера е нов член на италијанскиот второлигаш Монца, а човекот кој го убедил директорот Адријано Галијани дека треба да го ангажира македонскиот фудбалер бил Хрватот Звонимир Бобан.
Станковски, кој има 18 години и 190 сантиметри, но доста е брз за негова висина, сезонава за Работнички имаше седум гола и две асистенции, а игра во средниот ред.
Според италијанските медиуми, посредник во трансферот бил Бобан, кој има близок однос со газдата на Монца (Силвио Берлускони), директорот (Галијани) и тренерот (Кристијан Броки) од времето кога беа во Милан. Бобан се знаел со семејството на Лука, татко на Лука е некогашниот фудбалер Горан Станковски, па на луѓето од Монца им го препорачал да го земат откако видел снимки од игрите на нашиот талент, кој може да игра на неколку позиции во средниот ред. Се шпекулира дека трансферот е вреден околу 800.000 евра.
Од Станковски се очекува да напредува во Италија и според карактеристиките што ги има, може да стане новиот Сергеј Милинковиќ-Савиќ.