Големиот талент на Работнички се сели во италијанската Серија Б

Суперталентираниот Лука Станковски од следното лето кариерата ќе ја продолжи во редовите на второлигашот Монца, потврдија од таборот на Работнички. Новиот фудбалски бисер на Романтичарите до крајот на актуелната сезона ќе остане во Скопје, а од јуни ќе може да ја задолжи опремата во Монца, клубот кој е во сопственост на Силвио Берлускони.

„Горди сме што може да објавиме дека еден од најталентираните македонски фудбалери Лука Станковски од јуни кариерата ќе ја продолжи во италијанскиот клуб Монца. Двата клуба ги договорија деталите за трансферот што треба да се реализира во летниот преоден рок. Можам да кажам дека имаше многу понуди за Лука Станковски, но донесовме заедничка одлука со фудбалерот и со неговите родители Монца да биде идниот клуб каде што ќе продолжи да се развива и да се надградува. Среќни сме што Работнички успешно ја продолжува стратегијата за реализација на трансфери на млади и талентирани фудбалери во странство и горди што во еден исклучително тежок период на глобална пандемија на корона-вирусот, Работнички оствари два трансфери, Давид Тошевски во Ростов и Лука Станковски во Монца“, изјави претседателот Драган Поповски за официјалната клупска веб-страница.

Играчот за врска кој има само 18 години во првиот дел од сезоната во домашното првенство забележа учинок од седум погодоци и е во топ 5 стрелците во ПМФЛ.

- Оглас -

Најнови вести