21.8 C
Skopje
четврток, 31 јули 2025

Голманот на Њукасл се најавува како замена за Онана во Манчестер јунајтед

Манчестер јунајтед е доста активен на трансфер-пазарот летово, а сега медиумите на Островот зборуваат за доаѓањето на нов голман на „Олд Трафорд“. Црвените ѓаволи зад себе ја имаат една од најлошите сезони во историјата на клубот и сакаат да ја заборават што е можно побрзо. Завршија на мизерното 15-то место во англиската Премиер лига, а последниот удар им го зададе Тотенхем, кој ги победи во финалето на Лигата на Европа и ги остави без трофеј.

По многу исчекувања, Рубен Аморим остана на тренерското место и доби втора шанса, па португалскиот стручњак сега создава тим кој треба да биде многу поконкурентен.

До стартот на новата сезона има помалку од 20 дена, а на „Олд Трафорд“ веќе се претставени неколку засилувања, како што се: Матеус Куња и Брајан Мбеум, кои ќе ја засилат конкуренцијата во нападот.

Сепак, активностите на Црвените ѓаволи на трансфер-пазарот нема да завршат тука. Веќе подолго време се споменува дека од тимот ќе си замине првиот голман Андре Онана, кој имаше лоша сезона и многу примени голови.

Англиските медиуми сега објавуваат дека Манчестер јунајтед е заинтересиран за услугите на Ник Поуп, 33-годишен англиски голман.

Поуп е голман на Њукасл, тим кој сака во своите редови да го доведе Арон Рамсдејл, што само дополнително ја зголемува шпекулацијата дека Поуп летово може да заврши на „Олд Трафорд“.

- Оглас -

Најнови вести