Хрватската тениска икона Горан Иванишевиќ има нов ангажман и според грчките медиуми, по „Ролан Гарос“ ќе му биде тренер на 26-годишниот Грк Стефанос Циципас, кој веќе неколку години е во топ 10 во светот, но никако да направи исчекор напред.
Циципас има две финалиња на гранслем-натпреварувањата и во нив двапати губеше од Новак Ѓоковиќ, човекот кому до неодамна Иванишевиќ му беше тренер. По разделбата со Новак, Иванишевиќ работеше и со Елена Рибакина, но таа соработка траеше кратко.
Циципас во моментов е на Мастерсот во Монте Карло, каде што ја брани титулата од лани, а откако ќе заврши сезоната на играње на земјена подлога, работата со него ќе ја почне Иванишевиќ, кој е поранешен освојувач на Вимблдон и ќе треба да го подготви Гркот за играње на тревни терени.