Македонецот Бобан Илиоски кој по вторпат стана европски првак во својата категорија во кикбокс, од највисокото место на пиедесталот во салата во Атина ја проследи македонската химна во негова чест, со крената рака во која го држеше пехарот за првото место.
Бобан освои злато на Европското првенство, откако ги победуваше своите ривали од Полска, Грција и Хрватска во дисциплината лоу кик, за борци до 87 килограми.
Илиоски на својот Фејсбук профил сподели снимка од прогласувањето на најдобрите и интонирањето на македонската химна која ечеше во главниот град на нашиот јужен сосед.