Струга Трим Лум има две шампионски титули, но не го освоила Купот на Македонија, а утре против Вардар го играат своето второ финале откако го загубија првото пред две години.
Освојувањето на овој трофеј би ги украсил витрините на клубот и би бил најдобриот подарок за 10-годишнината од основањето на Струга Трим Лум.
Тренерот Илчо Ѓорѓиоски посакува триумф во финалето против неговиот некогашен клуб.
„Финале на куп е меч кој пред почеток на сезона го посакуваат сите екипи. Овој меч се чека цела година, успеавме да стигнеме до финалето. Посакуваме трофејот да го донесеме во Струга и да ги израдуваме своите фанови. Подготвени сме на физички, технички, тактички и психички план. Струга е млад клуб кој постои 10-тина години и во тој период освои две титули во првенството, а ова е второ финале и очекувам да го освоиме трофејот. Вардар е мој клуб, клуб со којшто сум освојувал трофеи, но ако ме прашате од еден до сто колку посакувам утре да го победам Вардар, тоа е 100. Вардар е фаворит, ќе игра пред своите навивачи, пред Комити, но ние ќе играме за да победиме. Вардар оваа полусезона направи еден конкурентен тим, направи добри резултати изминативе месеци, но ние имаме свои сметки и калкулации и знаеме како да стигнеме до трофејот“, рече поранешниот претседател на ФФМ, а сега тренер на струшкиот клуб.
Капитенот Бунјамин Шабани смета дека играњето на гостински терен е мотив плус.
„Подготвени сме, сите сме искусни играчи, живееме за вакви мечеви. Мотив повеќе за нас ќе биде на гостински терен да го освоиме трофејот“, вели Шабани.