Горан Ѓоргоноски е еден од оние елитни ракометари кои може да се пофалат дека беа дел од македонската репрезентација на Светското првенство во 2009 година. Токму од тој Мундијал, кој се играше во Хрватска, започна подемот на нашата ракометна селекција.
Сега, по 16 години, Македонија повторно се врати во Вараждин, повторно се вратија убавите спомени од добрите игри и резултатите, а и на теренот оваа нова генерација македонски ракометари покажа дека е максимално подготвена за надигрување дури и со најдобрите.
Во првото коло Македонија одигра 27:27 против Унгарија, меч на којшто нашата селекција водеше со еден разлика и имаше напад на 20-тина секунди до крајот, но поради направена техничка грешка, ја загубивме топката и примивме гол за реми.
Популарниот Ѓоргон вели дека нашиот стручен штаб одлично си ја завршил „домашната задача“ во анализата на Унгарците и дека ракометарите одлично ги исполниле зададените задачи.
ОВАА СЕЛЕКЦИЈА УШТЕ РАСТЕ, ОЧЕКУВАМ ЗЕНИТОТ ДА БИДЕ ЗА ДВЕ ГОДИНИ
„Нашиот адут кој ги изненади Унгарците беше зонската одбрана и одличниот голман Митревски. Тактички одлично поставена, со двојка „подигната“ горе на левите бекови. Не дозволивме противникот да се замавне. Дополнително тоа овозможи да ја имаме посакуваната транзиција, од која Кузмановски постигна неколку „лесни голови“, анализира Ѓоргоноски, кој додава дека, за жал, токму во последниот напад, кога требаше да се задржи топката и да се одбрани победата, се покажало тоа неискуство на големи натпреварувања кај поголем дел од играчите.
„Оваа селекција расте, очигледно е тоа, но уште не е во својот зенит и нема доволно искуство за вакви големи натпревари. Очекувам ова СП да биде старт на еден голем подем нагоре, а зенитот да го постигнеме за две години, на следниот Мундијал“, оптимист е Горан.
Тоа што можеше да се забележи од дуелот против Унгарија е дека дури 11-мина ракометари ја тресеа противничката мрежа, а, секако, лидер на теренот беше капитенот Филип Кузмановски.
„Македонија е тим без суперѕвезди во европски рамки. Кузмановски е лидер и наш најкомплетен играч, на овој натпреварт едноставно експлодира, но морам да ги напоменам и десните бекови, кои одлично „испратија“. Чема посвети големо внимание на Митев и тоа го искористија останатите. Лазаров вклучи многу широк ростер, што може да радува. Секако дека не му е пријатно на еден селектор кога проитивникот „пука“ од различен арсенал“, анализира творецот на ракометната школа „Ракомет за секое дете“ во која членуваат речиси 300 момчиња и девојчиња на возраст од 6 до 12 години.
ХОЛАНДИЈА Е ОПАСЕН РИВАЛ, НО АПЕТИТИТЕ РАСТАТ, СЕГА ЌЕ СЕ АТАКУВА НА ПОБЕДИ И ПРОТИВ АВСТРИЈА И ПРОТИВ КАТАР
Следен ривал на Македонија ќе биде Холандија, а мечот се игра денеска од 18 часот.
„Холандија е комплетно различна од нашиот прв противник Унгарија. Нема корпулентни играчи, нема високи бекови, нема гранитна одбрана. Има технички одлично подготвени играчи, многу силна транзиција, подвижна и школски поставена одбрана. Го имаат Стејнс, Дени Бајенс и реконвалесцентот Каи Смит. Македонија ќе ја модифицира 6-0 зоната, ќе „стапне“ на топка и ќе ја забави играта. Или можеби нема. Ќе видиме“, со насмевка коментира Ѓоргоноски околу можната тактика на денешниот ривал на Македонија.
По дуелот против Холандија, следува меч од третото коло а ривал ќе биде дебитантот на СП и аутсајдер во групата, Гвинеја. Македонија веќе може да размисува и за дуелите во втората фаза, каде што ќе вкрстиме со групата во која фаворити се Франција, Австрија и Катар.
„По добрата игра со Унгарија, јасно е дека Македонија во втората фаза ќе оди да ги победи и Катар и Австрија, без сомнение. Иако не треба да се лета, затоа што и тие се задоволни од ждрепката и гледаат шанса против „малата“ Македонија. Ако со Холандија вечерва го потврдиме високото ниво на игра, без разлика на резултатот, можеме да очекуваме две победи во следната рунда“, оптимист е Ѓоргоноски.
СРЦЕ НА ТЕРЕН, ПАМЕТ ВО ГЛАВА И НАЦИЈАТА ЌЕ УЖИВА
Некогашниот пикер на македонската репрезентација се присети и на настапот во Вараждин и Задар од пред 16 години и би бил среќен ако оваа генерација го повтори или уште подобро, го подобри тој успех кога бевме на 11-тото место во светот.
„Сè ќе зависи од дуелот со Холандија. Раширени се нашите крилја, напаѓаме со дополнителна самодоверба на Холандија, што може да биде меч со две острици. Од друга стртана, на ова СП има два конкуренти за злато и дури 7-8 екипи за завршниот турнир. Не треба да се оптоваруваме со пласман, играта и пристапот „ја храни“ нацијата, резултатите ќе дојдат. Таа 2009 година 11-тото место го славевме како медал, но потоа се случија и многу добри и некои помалку добри работи во макракометот, но фановите сериозно ги разгаливме. Затоа и викам, само кохезија и тимска игра, срце на терен, памет во глава и нацијата ќе ужива“, заврши Ѓоргоноски, кој направи и хуманитарен тикет со денешните мечеви од Светското првенство.