Кошаркарите на Гостивар приредија изненадување, победувајќи го Пелистер во последниот натпревар од осмото коло во Првата лига. Домаќините славеа со 89-86 пред својата публика и ја прекинаа серијата од пет порази по ред. Ова беше и прва победа за новиот тренер на тимот, Александар Петровиќ.
Пелистер, очигледно изморен од настапите на домашната и европската сцена, вечерва не успеа да дојде до посакуваните бодови. Гостите имаа проблеми цел натпревар, особено во првото полувреме кога дозволија Гостивар да создаде значителна предност (46-32), која подоцна се покажа како клучна за исходот на мечот.
Во второто полувреме тимот од Битола се врати во ритам, но немаше доволно сили за комплетен пресврт.
За Гостивар ова е втора победа во сезоната, додека Пелистер го запиша вториот пораз. Најефикасен кај домаќините беше Американецот Абрам со 22 поени, додека кај Пелистер Митревски постигна 23.
МЗТ Скопје Аеродром го победи Тиквеш на гости со 82-85. Илајџа Мекејден и Чарл Гил со по 17 поени беа најефикасни кај МЗТ, додека Бошалески со 19 поени и 9 скока беше најдобар кај составот од Кавадарци.
ТФТ беше убедлив против МКК Куманово со 80-64, а Чаир го победи Маџари со 83-79. Феникс го совлада Работнички на гости со 67-71, а Кожув го декласираше тимот на Ангели со 89-59.

