Гостивар заработи жестока казна за прекинатиот меч со Работнички

Дисциплинската комисија на ФФМ ги донесе одлуките за прекинатиот меч Гостивар – Работнички, кога домашниот состав се повлече од теренот, наводно поради судиските неправди, иако од Судиската комисија во својата анализа истакнаа дека судиската четворка си ја изработила својата работа без грешка.

Гостивар остана без девет бода, суспензија заработи и стадионот во населбата Маџари, суспензии за иницијаторите, но и парични казни.

Во продолжение одлуките на Дисциплинската комисија на ФФМ.

Алпер Потук –  фудбалер на ФК Гостивар АД се казнува со забрана на настап во период од 2 (две) години поради повикување на директни учесници на натпревар да го напуштат натпреварот од 29. коло од Прва МФЛ помеѓу екипите на ФК Гостивар АД и ФК Работнички АД.

ФК Гостивар се казнува со одземање на 9 (девет) бодови освоени во тековната натпреварувачка сезона и парична казна во износ од 2.500,00 евра поради напуштање на теренот на натпреварот во рамки на 29. коло од Прва МФЛ меѓу екипите на ФК Гостивар АД и ФК Работнички АД.

ФК Гостивар се казнува со парична казна во износ од 5.000,00 евра поради слаба организација и присуство на неслужбени лица во оградениот дел од теренот (службени простории) на натпреварот од 29. коло во Прва МФЛ против ФК Работнички.

ФК Гостивар АД се казнува со забрана на одигрување на 10 (десет) натпревари на свој терен како домаќин, односно 100 километри надвор од теренот кој го имаат пријавено како домашен терен.

Енес Уста – претседател на ГФК Гостивар се казнува со забрана на вршење на било каква функција во фудбалот во траење од 2 (две) години поради повикување на фудбалерите на ГФК Гостивар да го напуштат теренот и да се прекине натпреварот ГФК Гостивар – ФК Работнички во рамки на 29. коло во Прва МФЛ.

Блажо Панов – шеф на стручен штаб на ГФК Гостивар се казнува со забрана на вршење на било каква функција во фудбалот во траење од 2 (две) години поради повикување на фудбалерите на ГФК Гостивар да го напуштат теренот и да се прекине натпреварот ГФК Гостивар – ФК Работнички во рамки на 29. коло во Прва МФЛ.

Сите играчи на натпреварот од ГФК Гостивар кои биле во официјалниот записник на натпреварот против ФК Работнички се казнуваат со парична казна од 500,00 евра за фудбалер поради напуштање на натпреварот против ФК Работнички.

Постапки има и за Башкими, Струга и Воска. Во продолжение и тие одлуки.

ФК Башкими се казнува со парична казна во износ од 3.500,00 евра за слаба огранизација на натпреварот од 23. коло во Втора МФЛ против ФК Новаци, односно поради употреба на пиротехнички средства и присуство на неслужбено лице во службени простории.

Бурак Хида – претседател  на ФК Башкими се казнува со забрана за вршење на функција во траење од 2 (два) месеци поради присуство во службени простории, иако не бил во записник како официјално лице на натпреварот ФК Башкими – ФК Новаци, како и поради вербален напад на судиите на натпреварот од 23. коло во Втора МФЛ.

ФК Струга Трим Лум АД се казнува со парична казна во износ од 5.000,00 евра поради слаба организација (инцидент во близина на службени простории, присуство на неслужбени лица и учество во инцидент на редарска служба) на натпреварот ФК Струга Трим Лум – ФК Гостивар во рамки на 28. коло во Прва МФЛ.

Против ФК Воска АД се поведува постапка поради непојавување на натпревар во Струмица помеѓу ФК Брера А.П. и ФК Воска во рамки на 29. коло во Прва МФЛ.

- Оглас -

Најнови вести