Македонскиот напаѓач Илија Несторовски денеска против Фиорентина го постигна својот втор погодок сезонава, а голот беше многу важен бидејќи со него му донесе минимална победа на тимот на Удинезе. И за популарниот Нестор овој гол е важен за зголемување на самодовербата и што ја искористи шансата која ја доби да биде стартер.
Тренерот Лука Готи го пофали прилепчанецот.
„Несторовски тренира со ентузијазам како на некој јуниор, а не 30-годишен играч. Голем професионалец е, секогаш дава 100 проценти, го заслужи овој гол“, рече Готи.
Македонецот по мечот со Виолетовите рече дека денешниот гол многу му значи.
„Тренерот одлучува дали ќе бидам стартер или резерва, јас секогаш сум подготвен да помогнам. Секогаш тренирам максимално, а тренерот одлучува колку треба да играм. Ова е многу важна победа за нас, гледаме напред, веќе не гледаме кон дното на табелата. За мене лично, головите се многу важни. Ми се допаѓа кога сум вклучен во победите и кога му помагам на тимот. Дадов важен гол и многу сум среќен“, изјави Несторовски.