Само неколку месеци откако објави дека оди во фудбалска пензија, голманот Војчех Шчесни повторно ќе ги стави ракавиците и ќе застане меѓу стативите. Враќањето на Шчесни не е било каде, туку во редовите на европскиот гигант Барселона.
Каталонскиот гигант остана без главен голман откако Марк Андре Тер Штеген заработи тешка повреда на лигаментите на коленото и за него сезоната е затоврена. Со Тер Штеген на голот Барселона во првите седум кола имаше максимални седум победи и прими само пет гола.
На првиот меч по повредата на Тер Штеген, на голот застана Ињаки Пена и не се прослави. На гостувањето кај Осасуна, Барселона загуби со 4:2, а Пена беше најслабо оценет на теренот. Токму затоа, челниците на каталонскиот гигант брзо реагираа и за утре е закажано доаѓање на Шчесни.
Искусниот полски голман (84 настапи за репрезентацијата), отиде во фудбалска пензија пред три месеци, кога го загуби местото како прв голман во Јувентус. Шчесни има 34 години, што значи дека реално е во добри голмански години и би требало да биде засилување за Барселона.
Останува Шчесни да ги помине лекарските прегледи и потоа да потпише договор кој ќе го обврзе да биде на голот на Барселона до крајот на сезоната.