Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) на денешната седница донесе одлука за избор на нов селектор на македонската А репрезентација. За нов селектор е именуван Гоце Седлоски.
Членовите на највисокото тело на ФФМ одлуката за избор на нов селектор на македонската А репрезентација ја донесоа по предлог на Комисијата за избор на селектор, составена од Масар Омерагиќ – претседател на ФФМ, Горан Пандев – директор на Национални репрезентации, Николче Новески – раководител на Скаутинг службата на ФФМ, Агим Ибраими – член на Управниот одбор на ФФМ и Марјан Стојковски – потпретседател на ФФМ.
Гоце Седлоски е едно од најпрепознатливите имиња во историјата на македонскиот фудбал. Како фудбалер, поранешниот репрезентативен капитен оствари 100 настапи и постигна 8 гола за националниот тим, со што останува првиот македонски фудбалер кој запишал 100 настапи за репрезентацијата.

Како фудбалер, имаше богата кариера настапувајќи за повеќе клубови во Македонија и странство. Своите професионални чекори ги започна во Братство Горно Коњари и Питу Гули Крушево, по што настапуваше за Победа Прилеп, каде што го привлече вниманието со своите настапи. Кариерата ја продолжи во Хајдук Сплит и Динамо Загреб во Хрватска. Седлоски воедно е прв странец кој ја носел капитенската лента на Динамо Загреб. Потоа настапуваше за Шефилд вензди во Англија. Интернационалното искуство го надополни со настапи во Вегалта Сендај (Јапонија), Дијарбакирспор (Турција) и Матерсбург (Австрија), градејќи респектабилна фудбалска кариера.

Фудбалската федерација на Македонија верува дека искуството, авторитетот и длабокото познавање на македонскиот фудбал на Гоце Седлоски ќе придонесат за стабилност, континуитет и напредок на националниот тим во претстојниот период.
Официјалната промоција на Гоце Седлоски за селектор на македонската А репрезентација е закажана за утре (вторник), со почеток во 11:30 часот, во хотел „Хилтон“ во Скопје.

