Антоан Гриезман, ѕвездата на Барселона, во интервју за една шпанска телевизија откри каква е неговата врска со капитенот Лионел Меси. Тој посочи дека максимално го почитува иако во изминатиов период многу негативни работи се пишуваа по медиумите околу нивната врска, а кажа и каква порака му упати Меси по доаѓањето на „Камп ноу“.
„Прво сакам да расчистам некои работи бидејќи откако пристигнав во Барселона, единствено зборував со моите нозе на теренот. Избегнував драми, но негативните коментари ме натераа да кажам дека е доста. Јас максимално го почитувам Меси, а првпат кога разговарав со него откако дојдов на „Камп ноу“, ми кажа дека е до смрт со мене бидејќи сум му соиграч. Секако, разговаравме и околу тоа што првиот пат одбив преселба во Барселона, а со мојата одлука да играм уште една сезона во Атлетико сум му наштетил бидејќи Лео јавно го коментираше мојот евентуален трансфер. Сепак, во тој момент не се чувствував подготвен да си заминам од Мадрид, но важно е што сега сум играч на Барселона, а воедно проблемите со Меси се непостоечки“, истакна Гриезман.
Инаку, Барселона вечерва гостува во, Киев каде што во мечот против Динамо ќе атакува на пласман во нокаут-фазата од Лигата на шампионите, а екипата на Роналд Куман нема да биде предводена од Меси, кој остана дома откако доби слободен ден за одмор.