ЛШ вечерва повторно на програмата, четири екипи во обид да обезбедат европска пролет

Вечерва почнува четвртото коло од групната фаза во Лигата на шампионите, во кое четири екипи атакуваат на пласман во нокаут-фазата. Барселона и Јувентус од групата Г, како и Челзи и Севилја од групата Е се екипите кои со евентуални победи ќе осигураат европска пролет.

Освојувачот на Лигата на Европа од ланската сезона, заедно со Сините, доминираат во групата во која противници им се Рен и Краснодар. Двете екипи имаат по седум бода, шест повеќе од францускиот и рускиот претставник, па ако Челзи и Севилја ги освојат бодовите во Рен, односно во Краснодар, ќе бидат првите осминафиналисти во најелитното европско клупско натпреварување.

Барселона е лидер во групата Г со максимални девет бода, каков било триумф во Киев против Динамо ќе значи завршена работа за Каталонците кои вечерва ќе настапат без капитенот Лионел Меси. Јувентус е втор во групата со шест бода, односно пет повеќе од третопласираниот Динамо, па доколку Старата дама вечерва триумфира на домашен терен против Ференцварош, ќе им се придружи на Барселона, Челзи и Севилја.

Дуелите Краснодар  – Севилја и Рен – Челзи се закажани во 18:55 часот, додека во 21 часот настапуваат Динамо Киев – Барселона и Јувентус – Ференцварош.

- Оглас -

Најнови вести