Антоан Гризман е вистинска легенда на Атлетико Мадрид, но 34-годишниот фудбалер е на прагот не само да ги напушти редовите на Јорганџиите туку и воопшто Европа. Мексиканскиот Монтереј веќе контактирал со неговиот менаџерски тим, а раководството на Атлетико Мадрид нема ништо против да го ослободи.
Во моментов нема информации дали Гризман би добил раскин на договорот, кој му е со важност до 2027 година, или Монтереј ќе плати обесштетување за него. Вредноста на Французинот во моментов е 18 милиони евра.
Доколку Гризман се одлучи навистина да потпише за Монтереј, тоа за него ќе биде прво искуство надвор од Европа, но и прво сениорско искуство надвор од Шпанија.
Тој на 14-годишна возраст се пресели од францускиот клуб Маконас во Реал Сосиедад, а во Шпанија настапуваше и за Атлетико Мадрид и за Барселона.