Најновата шпекулација на англиските медиуми поврзана со Кристијано Роналдо е дека тој е заинтересиран за враќање во италијанската Серија А, и дека прифатливо му е уште во јануари да си замине од Манчестер јунајтед и да потпише за Наполи.
Челзи важеше фаворит за потписот на Португалецот, но сега се појавува и Наполи, клуб кој уште не се откажал од Роналдо, кого го бараа и летоска. Наводно, наполитанците сметаат дека токму најдобриот стрелец во историјата на фудбалот и на ЛШ, е човекот кој им треба во составот за успех во Лигата на шампионите и битката за титула во Италија.
Наполи игра одлично и победува периодов и без Роналдо, а главна пречка за тој трансфер од Манчестер во Неапол е платата.
Кристијано сезонава во Јунајтед заработува дури четири пати поголема плата од Пјотр Зјелински кој е најскап играч на Наполи, па Роналдо ќе мора многу да си намали примањата ако сака да стане соиграч на Елиф Елмас и останатите од тимот кој е моментен лидер во Серија А.