Формула 1 пилотот Роман Грожан, кој вози за тимот Хас, мина речиси неповреден од еден од најлошите инциденти во Ф1 во последните години, специјалното одело го спаси од тешки изгореници, но тој раскажува низ каков пекол минал тие 20-тина секунди во Бахреин кога болидот му се преполови и запали после сударот со Данил Квјат при брзина од 225 километри на час.
„Гледав и лево и десно, и видов оган. Си реков дека немам време да чекав и морав да излезам. Се обидував на двете страни, но не успевав. Тогаш помислив на несреќата на Ники Лауда. Си велев дека не може да завршам така и дека нема шанса ова да ми биде последна трка. Пак пробував да излезам, но бев заглавен. Телото почна да ми се опушта и помислив дека умирам. Се прашував кој дел прв ќе ми изгори, дали тоа ќе биде болно“ – раскажува Грожан.
За него тоа изгледаше како да поминало многу време, а стануваше збор за неколку секунди.
„Тогаш се сетив на децата и си реков не можно децата денеска да останат без татко“ – додава 34-годишниот Грожан кој успеа некако со вртење на рамењата да се извлече од болидот, и видел дека ракавиците му се топат на раце.
„Двете раце ми беа изгорени, ракавиците менуваа боја, едната стана црна, беше стопена. Чувствував болка, но и олеснување бидејќи излегов од болидот. Кога дојде помош, многу ми олесна, иако се чувствував како огнена топка. Можеби беше лоша одлука сам да одам, наместо во носила, но важно беше луѓето да ме видат дека можам да одам и дека сум во ред“ – рече Французинот кој во средата беше пуштен од болница и покажа слика од рацете во завои, но се пофали дека може да ги мрда прстите.