Грција се спаси во последен момент, Американците бесот го истурија врз Јапонија

Репрезентацијата на Грција се спаси од срамно испаѓање во групната фаза од Светското кошаркарско првенство, откако со 103:97 славеше против Нов Зеланд, во меч од третото коло во групата Ф. Грците беа големи фаворити на овој меч, водеа поголем дел од средбата, но сепак играа неуверливо.

Фаворитите добро го отворија мечот и по 10 минути водеа со 28:19. Сепак, Нов Зеланд не се предаде и успеа да стигне до пет негатива во пресрет на последната четвртина. Сепак, за да нема изненадување, се погрижија Грците кои во решавачките 10 минути беа подобар тим, па на крајот се радуваа на победата.

Јанис Адетокумбо блесна на овој меч и на крајот заврши со 24 поени, 10 скока и шест асистенции.

Првиот фаворит за златото, репрезентацијата на САД, убедливо со 98:45 ја растури Јапонија. Уште од самиот почеток се знаеше дека на овој меч ќе биде нејасна само разликата со која ќе победат Американците, кои го обезбедија првото место во групата, пред Чешка и Турција, додека Јапонија заврши со три порази во три меча.

- Оглас -

Најнови вести