Како и на секое големо натпреварување, така и на ова, има група на смртта. Актуелниот бранител на трофејот, Италија, поранешниот светски шампион, Шпанија, актуелниот освојувач на бронзата од последното Светско првенство, Хрватска, се дел од групата Б, во која сметките ќе се обиде да им ги замрси репрезентацијата на Албанија, на која и не ѝ се даваат големи шанси дека ќе успее да дојде барем до третото место и да се надева на пласман во осминафиналето.
Црвената фурија е подготвена да го оддува секој противник
Една од најдобрите репрезентации во последните 20 години е Шпанија. Во овој период Црвената фурија освои две европски титули, една светска круна, а на последниот континентален собир стигна до полуфиналето. Шпанија на последните четири Европски првенства одигра дури 22 меча и има 13 победи и само два порази во овој период, што доволно ја покажува силата на оваа селекција.
Селекторот Луис де ла Фуенте реши да го подмлади составот, па единствено капитенот Алваро Мората има над 50 натпревари. Како идни ѕвезди кои треба да бидат базата на оваа селекција се тинејџерите Ламин Јамал и Пау Кубарси, а тука е и Педри. Сепак, најголемиот товар во офанзивата ќе падне на искусните Родри, Мората, Олмо во формација 4-2-3-1.
Шпанија игра со многу додавања, сака да доминира во поседот на топката, да ја има контролата посебно на средината од теренот, а потоа со еден потег да го матира противникот.
Ако се наредат коцките, Хрватска може да оди многу далеку
На седум од осумте последните европски првенства и на шест од последните седум Мундијали, Хрватска е меѓу елитата. Коцкестите играа едно финале и едно полуфинале на последните две СП, но на ЕП најмногу стигнале до четвртфиналето.
Од март лани до мај оваа година одигра 11 меча, од кои на осум немаше постигнато повеќе од два гола. Селекторот Златко Далиќ најчесто игра во формација 4-3-3, а средниот ред е најсилниот дел, каде што се капитенот Модриќ, потоа Брозовиќ, Крамариќ, Пашалиќ и Мајер. Јошко Гвардиол е главна алка во одбраната, а Крамариќ и Петковиќ се во офанзивниот дел.
Хрватска е во една од најтешките групи на ЕП, заедно со актуелниот европски првак Италија и Шпанија и ќе биде многу тешко да ја помине групната фаза, но секако има квалитет кај Коцкестите, па ако успее да биде на едно од првите две места, може да оди многу далеку.
Бункерот е заштитен знак за Албанија, но дали ќе издржи против силните офанзиви
Само еднаш Албанија била дел од големи натпреварувања, а тоа беше на ЕП 2016 година, каде што постигна еден гол и очекувано не ја помина групата. Цврстата одбрана и мотото да се сочува својот гол е главното мото во играта на оваа репрезентација. Со таа тактика Албанија во квалификациите заврши како прва во групата само со четири примени гола од осум средби.
Формација со која Албанија најчесто делува офанзивно е 4-3-3, но играат многу подефанзивно. Во составот имаат играчи кои играат во најсилните лиги во Европа. Одбраната на чело со голманот Стракоша, а пред него во дефанзивната линија Хисај, Џимшити, Весели го сочинуваат бедемот кој често е непробоен за противниците.
Албанија немаше среќа во ждрепката, па во дуелите со сите три ривали во групата ќе ја има улогата на аутсајдер и ќе биде чудо ако направи изненадување.
Аѕурите имаат една желба, да го задржат европскиот трон
Актуелниот европски првак претрпе шок откако го пропушти Светското првенство во Катар поради поразот од Македонија. Токму тој пораз треба да им биде лекција на Аѕурите дека не смее да се потцени секој ривал.
Најголем дел од репрезентативците играат во Серија А, која според коефициентите, се покажа дека е најсилна лига во Европа. Токму затоа и не е изненадување што Италија е актуелен континентален владетел и еден од фаворитите повторно за висок пласман.
Катеначото, односно силната одбрана, секогаш бил заштитен знак за Италијанците, но формацијата покажува дека треба да има офанзивна игра во која Имобиле и Кјеза треба да бидат задолжени за давање голови. Во средината тука се Жоржињо, Бонавентура, Барела, а одбраната е навистина опасна со Димарко, Ачерби, Гати, Дармијан, Бастони и голманот Донарума.
Како актуелни европски прваци, секогаш треба да се смета дека Италија е еден од фаворитите и за највисок пласамн.