Грузијците се во фудбалски транс и очекуваат да го одбранат и да го потврдат првото место во четвртата група од Сегментот Ц во Лигата на нациите со победа или реми против Македонија во дербито од петтото коло.
Мечот ќе се игра на „Динамо арената“ на 23 септември од 18 часот пред полни трибини, откако на пет дена пред почетокот на дербито сите 55 илјади влезници беа продадени.
Грузијците се пофалија и со посета на поранешен светски првак од Мундијалот во 2006 година, а во посета деновиве непосредно пред мечот со Македонија им пристигна Италијанецот Кристијан Ѕакардо.
Кристијан беше во Батуми и го посети тренинг-центарот на Динамо, клуб од кој во Наполи ова лето пристигна Квича Кварацхелија, и тоа токму со помош на Ѕакардо, кој сега е познат менаџер.
Италијанецот беше и во базата на репрезентацијата на Грузија во Тбилиси, на мини-подготовките пред мечот со Македонија.
Во 2006 година Ѕакардо беше член на италијанската репрезентација, која по четврти пат стана светски првак, со триумф во финалето против Франција на пенали со 5:3.