Гундоган пред заминување од Барселона

Реални се шансите германскиот фудбалер Илкај Гундоган да ја напушти Барселона до крајот на преодниот рок.

Првите сомнежи на оваа тема дојдоа завчера, кога Гундоган во последен момент отпадна од списокот на играчи за мечот со Валенсија, наводно поради некаква ситна повреда. Тренерот Ханси Флик рече дека „има чувство“ дека Илкај ќе остане во клубот.

Но, шпанските медиуми имаат друга верзија. Гундоган откако разбрал дека не е во прв план и ќе треба да биде резерва сезонава, побарал да си замине од Барса, а и од клубот имаат интерес за разделба, и тоа од финансиска природа.

Гундоган, кој во октомври ќе наполни 34 години, има голема плата и ако си замине, би се ослободил простор за регистрација на Дани Олмо, кој уште нема право на настап, иако има договор и направи трансфер од Лајпциг во Барселона.

Желба на Гундоган е да се врати во Манчестер сити, а интерес за него има и од Ал-Наср од Саудиска Арабија, кој наводно веќе испратил понуда, и Фенербахче, кој игра на картата на турското потекло на Гундоган.

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести