Гвардиола: Играчите на Ливерпул сигурно испиле многу пиво деновиве, но не беа пијани на теренот

Ливерпул доживеа дебакл во првиот меч кој го одигра како шампион на Англија. Гигантот од „Енфилд роуд“ за првпат по 30 години се искачи на тронот на Англија, а поради тоа со шпалир беше дочекан пред мечот на гости кај Манчестер сити. Ливерпул доби шампионски пречек пред средбата, но кога започна дуелот, Сити немаше милост кон ривалот. Граѓаните победија со убедливи 4:0.

Тренерот на Манчестер сити, Пеп Гвардиола, беше презадоволен. Многумина велат дека Ливерпул се опуштил затоа што веќе е шампион, но Гвардиола не сакаше да ја девалвира убедливата победа на неговите избраници.

„Пресреќен сум. Го победивме шампионот кој има фантастичен тим. Уште во текот кога им го подготвивме шампионскиот шпалир, во лицата на играчите на Ливерпул видов дека се фокусирани и сакаат да играат. Затоа и се прваци. Не беа дојдени тука да слават. Иако во изминативе денови испиле многу пиво, сигурно во нивната крв немаше алкохол вечерва. Затоа оваа победа е многу важна за нас, посебно пред реванш-мечот против Реал Мадрид во осминафиналето од Лигата на шампионите“, рече Гвардиола.

 

- Оглас -

Најнови вести