Гвардиола: Можеби е време некој друг да биде шампион во Премиер лигата

Фудбалерите на Манчестер сити вчера го претрпеа четвртиот пораз во низа, откако Брајтон ги совлада со 2-1 на домашен терен во натпревар од 11-то коло на англиската Премиер лига. За Сити ова е првпат од август 2006 година да доживее четири последовни порази, додека за тренерот Пеп Гвардиола првпат во неговата кариера да загуби четири натпревари по ред.

Негативната серија на Сити ја започна Тотенхем во ЕФЛ купот (1-2), потоа загуби од Борнмут во првенството (1-2), а следеше и убедливиот пораз од Спортинг Лиабон во Лигата на шампионите (1-4). Сега кризата ја продлабочи и Брајтон.


По 11 одиграни натпревари во првенството, Манчестер сити заостанува пет бодови зад водечкиот Ливерпул.

Иако Гвардиола и порано се соочувал со поголеми заостанувања кои успевал да ги надомести, англиските медиуми ја истакнуваат неговата изјава по натпреварот и се прашуваат дали е завршена доминацијата на Манчестер сити во Премиер лигата.

„Откако освоивме шест титули во Премиер лигата за седум години, можеби е време шампион да биде некој друг“, изјави Гвардиола и го прокоментира својот серијал од четири натпревари без победа.


„За сè постои прв пат. Натпреварите се губат. Ова е мојот предизвик, а јас ги сакам предизвиците и нема да отстапам. Ова го сакам повеќе од кога било“, истакна менаџерот на Манчестер сити.

- Оглас -

Најнови вести