Пеп Гвардиола одново ќе троши голем дел од средствата наменети за засилувања за да доведе во тимот уште еден квалитетен бек. Имено, Манчестер сити испрати понуда од 60 милиони евра за Жоао Кансело, фудбалерот на Јувентус.
Според најавите на италијанските медиуми, Старата дама по сите изгледи ќе ја прифати понудата, бидејќи на тој начин би оствариле значителен профит ако се знае дека само пред една сезона Јувентус за Португалецот на Валенсија ѝ исплати 40 милиони евра . Воедно, Кансело не ги оправда целосно очекувањата, иако на моменти покажуваше светлина во играта.
Кансело би требало да пристигне на „Етихад“ за да му конкурира на Кајл Вокер за стартните 11, а воедно би претставувал замена за Данило, кој најверојатно ќе ја продолжи кариерата во редовите на Интер.
Напоредно, Јувентус има две опции како замена за Кансело, дилемата е меѓу Киран Трипиер од Тотенхем и Кристијано Пикини од Валенсија.