Манчестер сити и Челзи утре ќе се борат за првиот трофеј во англискиот фудбал за оваа сезона. Овие екипи се во финалето од Лига купот, а „граѓаните“ од Манчестер се големи фаворити. Тоа е така, најмногу поради одличната моментна форма во која се наоѓа англискиот првак.
Пред само еден месец, Сити и Челзи играа во првенството, а лондонскиот клуб го доживеа најтешкиот пораз од формирањето на Премиер лигата. Сити немаше милост и на крајот победи со 6:0. И покрај таа убедлива победа, тренерот на „граѓаните“, Пеп Гвардиола повикува на внимание пред финалето во Лига Купот.
„Искрено не сакам да играм против ист противник за кратко време. Точно е дека одигравме одлично во првенствениот меч, но сега е финале, а тоа е нешто сосема друго. Овој меч ќе биде многу поразличен. Челзи има играчи од врвна класа и сигурно дека ќе направат сѐ, само да може да ни се реваншираат за поразот кој им го нанесовме. Очекувам ова да биде тежок меч, но нашата цел е да победиме и да ги израдуваме нашите навивачи“, рече тренерот на Сити, Гвардиола.