Манчестер сити продолжуваат со перфектната низа во Премиер лигата, откако го победија Нотингем Форест и стигнаа до шест победи во исто толку дуели. Уште во првите 15 минути Граѓаните постигнаа два гола и на крајот тоа се покажа дека е доволно за триумф.
Шампионот доминираше на теренот, но на почетокот на второто полувреме, тимот на Пеп Гвардиола се соочи со неочекуван проблем откако Родри заработи директен црвен картон. Шпанскиот репрезентативец ги загуби нервите и за врат го фати Гибс-Вајт, а судијата оправдано му покажа директен црвен картон.
По мечот, Родри се извини на соиграчите, но доби и лекција од тренерот Пеп Гвардиола. Шпанскиот стратег беше многу лут затоа што овој директен црвен картон најверојатно ќе значи дека Родри ќе паузира во следните три меча.
„Се надевам дека Родри извлече поука од оваа ситуација. Мора да се контролира себе си и емоциите. Едноставно нема друг избор кога си на теренот. Јас можам да добијам жолт картон затоа што јас не играм на теренот, но Родри не смее да добива такви картони затоа што мора да остане со соиграчите на теренот. Тој е најдобар во светот на својата позиција, но овојпат не беше така“, рече Гвардиола за црвениот картон на еден од клучните фудбалери во неговиот тим.