Вечното хрватско фудбалско дерби помеѓу Динамо и Хајдук, на големо разочарување на навивачите, заврши со најнепопуларниот резултат, 0-0. За екипата на Динамо Загреб настапија двајцата наши интернационалци, Аријан Адеми кој беше капитен и десниот бек Стефан Ристовски.
Со нерешениот исход, разликата помеѓу лидерот Хајдук и третопласираниот Динамо останува седум бода, но клубот од Загреб има и два натпревари помалку, што би значело дека може да се доближи на само бод од сплитските бели.
На денешниот натпревар, македонскиот репрезентативец, Аријан Адеми, влезе во историјата на хрватскиот фудбал, како фудбалер со најголем број на настапи на дуелите помеѓу Динамо и Хајдук, вкупно 37.
– “Со денешниот настап, нашиот капитен Аријан Адеми стана рекордер по бројот на настапи во дерби-дуелите помеѓу Динамо и Хајдук! Ова за него е 37-ми натпревар против сплитскиот клуб во сите официјални натпреварувања во историјата и на вечната листа го мина нашиот поранешен капитен, Дражен Ладиќ, кој собра 36 настапи.“ – се вели во објавата на Динамо Загреб.