Ерлинг Браут Халанд иако има одиграно само пет меча во Бундеслигата, веќе е деветти на листата на стрелците во германското првенство, има осум гола и од меч во меч поставува голгетерски рекорди. Норвежанецот кој зимава од Салцбург дојде во Борусија Дортмунд, важи за еден од најдобрите млади фудбалери на светот, но тој скромно изјавува дека не мисли дека е најдобар.
„Цел живот сонував да станам професионален фудбалер. Знаев дека имам талент, но патот дотука ми беше тежок. Бев многу среќен кога заиграв за мојот прв клуб, па потоа кога играв и давав голови за Салцбург. Но, реално, кога ќе видите некој како Килијан Мбапе што прави во Франција, си велите има уште место за напредок. Тој ми покажува дека уште не сум на врвот. Целта ми е да станам еден од најдобрите на светот“ – вели 19-годишниот Халанд.
Халанд не мисли дека веќе има кариера подобра од таа на татко му Алф Инге.
„Уште не. Татко ми имаше 34 настапи за Норвешка, над 200 меча во Премиерлигата во Англија. Уште не сум го надминал“ – вели Халанд.