Провокација од Халанд: Александер-Арнолд не знае какво е чувството да се освои тројната круна
Како наближува недела и времето (16.45 ч.) за одигрување на големото дерби во Премиер лигата меѓу Ливерпул и Манчестер сити, така се зголемуваат тензиите со провокациите од двата табори, а овој пат редот му дојде на Ерлинг Халанд.
Тензиите пред мечот се зголемија со изјавата на играчот на Ливерпул, Трент Александер-Арнолд дека поради финансиската моќ која ја имаат сити и неговите сопственици (Емирот на Обединетите Арапски Емирати н.з.), на навивачите на Граѓаните не им значат многу трофеите, како што им значат на фановите на Ливерпул.
Одговорот дојде од Халанд кој е најдобар стрелец сезонава во Премиер лигата со 18 гола кој го потсети Александер-Арнолд дека Сити минатата година ја освои тројната круна.
„Тука сум една година и ја освоив тројната круна што е одлично чувство, а мислам дека тој не знае за какво чувство зборувам. Можат да зборуваат што сакаат, или тој може да зборува што сака, не знам зошто го прави тоа, но искено не ми пречи“, изјави Халанд.
Ливерпул дербито го дочекува како лидер на табелата со 63 бода, додека Манчестер сити има само еден бод помалку.