Тренерот на Барселона, Ханзи Флик, испрати силни пораки пред првиот четвртфинален судир со Атлетико Мадрид во Лига на шампиони – и во центарот на вниманието повторно е младиот бисер Ламин Јамал.
„Веќе кажав – Ламин направи сè против Атлетико пред неколку дена. Ја држеше топката, менуваше страни, преземаше одговорност. Тој има само 18 години и за мене е неверојатен фудбалер. Понекогаш тоа што го прави е фасцинантно, но нормално е да реагира емотивно – се лути кога ќе го заменам или кога ќе промаши. Тоа е дел од растот“, изјави Флик.
Германецот јасно стави до знаење – стои цврсто зад својот талент.
„Разбирам дека е фрустрирачки кога не постигнуваш голови. Тој е емотивен играч, но ја има мојата целосна поддршка. Оди по вистински пат и ние му помагаме да се развива правилно. Знае дека сите очи се вперени во него, затоа што е фантастичен. Му кажав – може да греши, јас ќе го бранам. Ќе биде еден од најдобрите, ако не и најдобриот во иднина.“
Флик испрати и јасна порака пред утрешниот дуел:
„Мораме да го наметнеме нашиот стил. И ќе ни треба силна поддршка од навивачите.“
По мечот со Жирона, формата на Барса оди нагоре, но тренерот потенцира дека тимот е сè уште млад.
„Нашите дефанзивци, Пау Кубарси и Жерард Мартин, работат фантастично. Но нормално е понекогаш да донесат погрешни одлуки – млади се и се адаптираат на највисоко ниво.“
За крај – респект кон противникот, но и јасна амбиција:
„Атлетико е тежок ривал – играат со висок интензитет, имаат брзи и квалитетни фудбалери. Знаат да се бранат длабоко и тешко им се дава гол. Ќе биде емотивен натпревар. Стигнавме до тука затоа што заслужуваме – и сакаме да одиме понатаму.“

