Хјустон рокитс го совлада тимот на Јута џез со конечни 102:97 за четврта победа во низа. Џејмс Харден повторно блескаше, со високи 47 поени и две погодени тројки на крајот од средбата ја продолжи победничката серија на „ракетите“. „Брадата“ апсолутно е незапирлив, на последните пет средби бележи просек од 38 поени по натпревар.
Шампионот Голден стејт вориорс го забележа вкупно 21-виот триумф со победата над Мемфис гризлис од 110:93. Ноќ за паметење имаше Стеф Кари, кој со своите 20 поени стигна вкупно до 15.000 поени во својата кариера. Најефикасен беше Кевин Дурант со 23 поени, додека Томпсон одигра под својот просек, но доволни беа 16-те поени за да се одржи победничкиот ритам.
Јанис Адетокумбо го предводеше Милвоки до 20-тата победа сезонава, откако ноќеска Бакси беа подобри од Детроит со 107:104. „Грик фрик“ застана на 32 поени, а во својата статистика додаде и 12 скока. Како и секогаш, имаше помош од својот колега Крис Мидлтон, кој реализираше 22 поени. Ниту трипл-дабл учинокот на Блејк Грифин (19 поени, 11 асистенции, 10 скока) не беше доволен за Детроит да го избегне 14-тиот пораз сезонава.
Резултати НБА:
Детроит пистонс – Милвоки бакс 104:107
Њујорк никс – Феникс санс 110:128
Хјустон рокитс – Јута џез 102:97
Минесота тимбервулвс – Сакраменто кингс 132:105
Оклахома сити тандер – Чикаго булс 121:96
Сан Антонио спарс – Филаделфија севентисиксерс 123:96
Голден стејт вориорс – Мемфис гризлис 110:93
ЛА клиперс – Портланд трејлблејзерс 127:131