Џејмс Харден продолжува со неверојатната поентерска серија. Веќе 22 меч во низа завршува со 30+ поени. Ноќеска постигна 35 поени и беше најзаслужен за победата над вториот најдобар тим во лигата, Торонто (121:119). На помалку од 80 секунди до крајот, Хјустон водеше со 11 поени разлика (121:110), но Торонто постигна три тројки во низа и стигна до само два поени негатива. „Рептилите“ го имаа и последниот напад за победа, но тогаш Харден покажа дека и во одбраната знае да биде корисен.
Каваи Ленард ја превзема одговорноста да шутира за тројка и победа на Торонто, но тука беше Харден, кој се испречи, па Ленард шутираше во „бунар“. На крајот, „Брадата“ ја продолжи низата во која е прв стрелец на меч и го надмина легендарниот Мајкл Џордан во таа статистика. Единствено ненадминливиот Вилт Чемберлен е пред Харден во оваа категорија. Чемберлен имал низа од 40 меча на кои бил најдобар стрелец.
Бруклин го победи Њујорк, а најзаслужни за триумфот се играчите кои влегоа од клупата за резерви. Оние кои не беа стартери за „мрежичките“, на овој меч вкупно постигнаа 71 поени и го предводеа тимот до победа.
И за победата на ЛА Клиперс кај Чикаго најзаслужен беше играч од клупата. Лу Вилијамс влезе како резерва и одигра неверојатен меч, постигнувајќи трипл-дабл со 31 поени и по 10 скокови и асистенции.
Резултати: Орландо – Вашингтон 91:95, Бруклин – Њујорк 109:99, Кливленд – Мајами 94:100, Чикаго – ЛА Клиперс 101:106, Хјустон – Торонто 121:119, Мемфис – Сакраменто 96:99, Далас – Детроит 106:101, Милвоки – Шарлот 108:99, Денвер – Феникс 132:95, Јута – Минесота 106:102.