Англискиот голгетер Хари Кејн јасно стави до знаење дека неговата иднина е цврсто поврзана со Баерн Минхен. Во изјава за „Скај Спорт“, капитенот на англиската репрезентација не ја исклучи можноста за продолжување на соработката со баварскиот гигант и нагласи дека се чувствува одлично во Минхен.
„Да, тоа е апсолутно можно. Убеден сум дека ќе дојде до продолжување на договорот, но во моментов мојот целосен фокус е насочен кон оваа сезона. Искрено, не постои место на кое би сакал повеќе да бидам во овој момент“, изјави Хари Кејн.
Искусниот напаѓач веднаш по пристигнувањето во Баерн се наметна како лидер на теренот и еден од најважните играчи во тимот. Со своите голови и константни одлични настапи, Кејн брзо стана миленик на навивачите на „Алијанц арена“, а неговиот придонес е клучен во борбата за титулата во Бундеслигата и за трофејот во Лигата на шампионите.
Во редовите на Баерн владее задоволство од неговите игри, па раководството на клубот веќе размислува за долгорочна иднина со англискиот ас во нападот. Продолжувањето на договорот би било јасен сигнал за амбициите на клубот и за желбата Кејн да ја продолжи својата кариера на највисоко ниво токму во Минхен.
Иако преговорите засега не се официјално потврдени, изјавите на Кејн дополнително ги засилија шпекулациите дека договорот ќе биде продолжен и дека англискиот напаѓач уште долго ќе го носи дресот на Баерн.

