Шефот на судиите во Англија, Хауард Веб, откри на презентацијата пред клубовите дека врвните судии кои ги водат натпреварите во Премиер лигата добиваат просечна годишна плата од 240.000 фунти. Ова е двојно повеќе од платите на судиите во Чемпионшип.
Според Хауард Веб, 21 судија од првата група ја добиваат оваа просечна плата од 240.000 фунти, додека 18-мина судии од втората група заработуваат во просек 110.000 фунти. Понатаму, 29-мина судии кои судат натпревари од Лига 1 и Лига 2 имаат просечни примања од 30.000 фунти.
Веб додаде дека овие трошоци, заедно со инфлацијата и дополнителните 10 милиони фунти годишно за обука, вклучително и подобрувања во работата со ВАР, може да доведат до тоа Судиската асоцијација да загуби околу 23 милиони фунти во следните пет години доколку тековното финансирање остане исто.
Според неговите проценки, оперативните трошоци двојно се зголемиле во последните осум години – од 16 на 33,7 милиони фунти.
Во моментов, Професионалната судиска асоцијација на Англија добива 17,4 милиони фунти од Премиер лигата, 4,2 милиони од ФА на Англија, 7 милиони од Англиската фудбалска лига и 1 милион од Женската професионална лига.