Хемичарите беа втори, сега се за испаѓање, но барем победија по шест месеци и 13 меча пост

Фудбалерите на Халешер конечно ја прекинаа шестмесечната серија без победа и со триумф од 3:0 против Манхајм си ги вратија шансите за опстанок во Третата германска лига. Таа е една од највозбудливите фудбалски лиги во Европа бидејќи дури 11-12 екипи имаат шанса за промоција во повисок ранг на натпревари, а приказната на Халешер веројатно е и најинтересна досега.

Во ноември лани, кога го победија сегашниот лидер Дуисбург, беа на второто место во Лигата и оттогаш почна стрмоглавиот пад. Се нижеа само неуспеси и до вчеравечер ги имаше точно 13 меча без победа, па им се случи да стравуваат за опстанок.

Поранешниот прволигаш во Демократска Република Германија познат како Хемие Хале, а сега Халешер е на 17-тото место, кое води во понизок ранг на натпревари, но барем успеаја да го прекинат долгиот шестмесечен пост без победа со триумф против Манхајм од 3:0.

До крајот на најлудата лига во Европа има уште 7 кола, а на Халешер ќе му треба да прескокне барем еден ривал за да се спаси од испаѓање.

Популарните Хемичари двапати беа прваци на ДДР и исто толку пати во истата држава му се радуваа на пехарот во купот.

 

- Оглас -

Најнови вести