33.8 C
Skopje
понеделник, 8 септември 2025

Хенес ги нападна англиските клубови: Тоа што го прават нема врска со фудбалот

Еден од најпознатите фудбалски шефови во Европа секако е Ули Хенес кој долги години е на чело на Баерн Минхен. Хенес е познат по својот цврст карактер, но и филозофијата дека не смее да се трошат премногу пари за ниту еден фудбалер. Тој вели дека е презадоволен од тоа како го поминале летниот преоден рок, но не заборави да потенцира дека англиските клубови од ден во ден се повеќе претеруваат со парите кои ги даваат за доведување на нови играчи.

„Ние сме презадоволни од тоа како помина летниот преоден рок. Имаме силен тим, па не ни беа потребни премногу нови лица. Секако дека сакавме да го доведеме Флоријан Вирц, но никогаш не би платиле 150 милиони евра за него. Нудевме 55 милиони евра за Ник Волтемаде, но Штутгарт бараше 75 милиони за него. На крајот го продадоа за 90 милиони евра во Њукасл. Тоа што го прават во Њукасл нема врска со фудбалот“, револтирано коментираше Хенес.

Првиот човек на Баерн вели дека неговиот клуб има пари и дека може да биде активен и во јануарскиот преоден рок.

„Веќе во јануари ќе има нов преоден рок. Имаме сосема доволно пари. Не заборавајте дека во ноември ќе добиеме уште три „засилувања“. Ни се враќаат Јамал Мусијала, Алфонсо Дејвис и Хироки Ито. Имаме и ние квалитетни млади играчи. За трансферите во Баерн никој не одлучива сам. Ниту Хенес, ниту Румениге, ниту Еберл. Има само трансфери на минхенски Баерн “, додаде Хенес.

Во првите две кола од новото првенство во Бундеслигата, Баерн започна силовито и победуваше со 6:0 дома против Лајпциг и 3:2 на гости кај Аугсбург.

 

- Оглас -

Најнови вести