МЗТ Скопје го одржа победничкиот ритам на домашен терен и славеше со минимални 89:87 против Нови Пазар. Македонскиот првак и во шестиот меч во „Јане Сандански“ во рамки од АБА2 лигата запиша позитивен исход против незгодниот српски состав, а воедно Штрковите се вратија на врвот на табелата со еден бод повеќе од Борац.
Избраниците на Кочов отворија со серија од 7-0 која им помогна да ја одржуваат контролата на мечот речиси до крајот на втората четвртина пред гостите да израмнат на 46:46. Нови пазар имаше намера да ја изненади скопската публика, па на три минути до крајот дојдоа до минимална предност, која не ја задржаа долго. Во последните 100 секунди од мечот резултатот беше егал (83:83), а потоа Херис со две слободни фрлања по истекот на регуларното време ја донесе победата за домаќините.
Во редовите на МЗТ најрасположени беа Херис со 18, Крстевски со 16 поени, додека по 14 додадоа Хиндс и Магдевски. Тодоровиќ со 23 поени беше најсветла точка за Нови Пазар.