Херојот од Дебар Маало слави роденден, Работнички дува 85 свеќички

Фудбалскиот клуб Работнички, кој е еден од најпопуларните, најуспешните и најстарите фудбалски клубови во Македонија, денеска прославува 85 години од формирањето.

Работнички, кој од осамостојувањето има освоено четири шампионски титули и четири трофеи во Купот на Македонија, е формиран на денешен ден 1937 година, во скопската населба Дебар Маало.

„85 години истрајност, желба, посветеност. Херојот од Дебар Маало се роди на денешен ден, 4 октомври, во далечната 1937 година. Во витрините стојат трофеи, сведочат за шампионските денови на ФК Работнички, највозрасните се сеќаваат на почетоците, на пролетта 1937 година, кога во кафеаните во Дебар Маало се родила идејата за формирање на организиран фудбалски клуб.

Традицијата се негува, историјата обврзува, а сегашните генерации се горди на минатото. Но, ја имаат честа и обврската да продолжат по патот на успехот.

ФК Работнички да остане синонимот на Дебар Маало, гордоста на Скопје, клуб за респект во Македонија и во европски рамки.

Среќен роденден, Хероју од Дебар Маало!“, стои во соопштението од ФК Работнички.

 

- Оглас -

Најнови вести