Арсенал се пласираше во четвртото коло од ФА купот на Анлгија, откако на гостувањето кај Портсмут славеше со убедливи 1-4, а херој на натпреварот беше Габриел Мартинели кој постигна хет-трик.
Натпреварот започна шокантно за Топчиите, бидејќи Портсмут уште во третата минута дојде до водство. По ударот на Чаплин, Кепа Аризабалага ја одби топката, но таа заврши кај капитенот Колби Бишоп, кој од непосредна близина ја смести во мрежата за 1-0.
Радоста на домашните траеше кратко. Само пет минути подоцна, по корнер од левата страна, во мешаница пред голот на Портсмут, Дозел несреќно си постигна автогол и донесе израмнување, 1-1.
Арсенал направи целосен пресврт во 25-тата минута, кога Мартинели го постигна својот прв погодок. По корнер од десната страна, Мадуеке одлично центрираше, а Бразилецот прецизно погоди за 1-2.
До крајот на првото полувреме Топџиите можеа и порано да ја зголемат предноста, но Мадуеке не реализираше пенал во 43-та минута.
Во второто полувреме Арсенал ја потврди својата доминација, а Мартинели го комплетираше хет-трикот. Во 51-та минута, по асистенција од Габриел Жезус, тој погоди за 1-3, а конечните 1-4 ги постави во 72-та минута, повторно по корнер на Мадуеке, кога со удар со глава ја затресе мрежата.

