ЛА лејкерс е на прагот да се пласира во конференциското финале на Западот откако ноќеска Езерџиите триумфираа со 110:100 против Хјустон рокетс за водство од 3-1 во серијата. Уште една победа го двои тимот на Френк Фогел од пласман во последната рунда пред големото финале, каде што последен пат Лејкерси се најдоа во сезоната 2009/10, кога беа шампиони по 16-ти пат во историјата на франшизата.
Ако досега Харден важеше за најопасното оружје на Хјустон, ноќеска Брадата не беше на потребното ниво, па учинокот од 21 поен главно го оствари од линијата за слободни фрлања. Харден запиша очајна статистика од 2/11 шут од игра со една погодена тројка од шест обиди, односно реализира 16/20 слободни фрлања и имаше 10 успешни додавања.
Лејкерси на тоа одговорија со дабл-дабл на Дејвис од 29 поени и 12 скока, Леброн Џејмс остана краток за една асистенција и не оствари трипл-дабл при 16 поени, 15 скока и 9 асистенции.
Иако цел натпревар Езерџиите го контролираа резултатот, Хјустон доби надеж да изненади во финишот, кога ја стопи разликата од -21 поен само на пет поени, но серијата од 14-2 ја откажа Карусо со клучна тројка на 35 секунди до крајот, а потоа и Кралот ја потврди победата.
https://www.youtube.com/watch?v=J40Ym5uyc28