Дензел Дамфрис е едно од најпријатните изненадувања на стартот од Европското првенство и ако игра против Македонија, утре од 18 часот во Амстердам, на него ќе мора посебно да се внимава.
Воодушеви со брзината, продорноста и квалитетот на двата дуели што Холандија ги доби, против Украина со 3:2 и со Австрија со 2:0.
Дамфрис, кој има 25 години игра на позицијата десен бек, но и на двата дуели постојано беше во офанзива повеќе како крило, отколку како дефанзивец и двапати беше прогласен за играч на натпреварот.
„Тој е како Биткојн. Отпрвин се сомневате дека може да игра за Холандија, селекција што има многу квалитетни играчи и широк избор, но потоа се радувате што сте инвестирале во него“, велат Холанѓаните за својот нов фудбалски миленик.
Дамфрис сака да игра и против Македонија, откако селекторот Франк Де Бур се уште не одлучил дали ќе ги одмори главните адути, утре од 18 часот на дуелот што за Холандија не значи речиси ништо.
Тие се први и не можат да бидат загрозени во Ц групата, а Дамфрис вели дека не сака да го пропушти дуелот со нас.
„Ме прашуваат од каде сила за да играм вака добро. За репрезентацијата ќе играм секогаш со задоволство. Нема ништо подобро од тоа да го носиш дресот со националните бои. Сакам да играм и против Македонија, но јас не одлучувам кој ќе настапи“, вели Дамфрис.
ПСВ Ајндховен веќе треба да се подготвува за продажба на 25-годишниот репрезентативец на Холандија, бидејќи за него има огромен интерес кај моќните европски клубови.