Холанѓаните ќе бидат ослабени против Македонија, на ЕП нема да игра капитенот на Лалињата

Јирген Клоп е песимист дека Вирџил Ван Дајк ќе успее брзо да се врати на терен и најави дека речиси сигурно ќе го пропушти и Европското првенство што ќе се игра од 11. јуни до 11. јули.

Холандскиот дефанзивец, кој беше прогласен за најдобар стопер во Премиерлигата го минува процестот на рехабилитација, но Клоп вели дека засега процесот оди многу бавно.

Ако се оствари прогнозата на германскиот менаџер на клупата на Ливерпул, тоа би значело дека Ван Дајк нема да игра ниту против Македонија на 21. јуни во Амстердам во последниот меч во фазата по групи за двете репрезентации.

„Вирџил почна да трча, но процесот на рехабилитација оди бавно. Јас би сакал повеќе од се веднаш да може да игра, но според информациите што ги имам тешко дека ќе стаса да игра на Европското првенство. Се надевам дека ќе биде потополно здрав за летните подготовки за следната сезона“, изјави Клоп.

Македонија го чека историскиот настап на големо натпреварување, а се најде во групата со Холандија, Австрија и Украина. Со Австријците ќе играме на премиерата за нас на ЕП на 13. јуни во Букурешт, потоа четири дена подоцна на истото место противник ќе ни биде Украина, а фазата по групи ќе ја завршиме со мечот во Амстердам против Холандија на 21. јуни.

 

- Оглас -

Најнови вести