Бразилското првенство не е прекинато, натпреварите се играат без публика, а јапонскиот ветеран Кеисуке Хонда, кој е играч на Ботафого од Рио де Жанеиро, го постигна својот дебитантски погодок. Тоа се случи на средбата со Бангу од Кариока шампионатот на Рио, а дуелот заврши со 1-1.
Хонда на полувремето се жалел дека му е многу топло, температурата била висока, а противнички играч му пришол и почнале разговор. Тој фудбалер на Бангу беше Хуан Фелипе, за нас добро познат лик, поранешен член на Вардар и Шкендија.
„На полувреме видов дека е многу заморен и му реков дека тоа е од жештината. Поразговаравме на англиски јазик. Хонда со мене се однесуваше како да се знаеме цел живот. Обично не земам дресови од противнички играчи, но Јапонецот е големо име, го знам од времето кога играше за Милан, му предложив да си ги размениме дресовите и тој прифати“, раскажува Фелипе.