5.8 C
Skopje
вторник, 27 јануари 2026

Хрватите ја победија Словенија и дојдоа на чекор до полуфинале

По неочекуваното реми меѓу Швајцарија и Исланд (38-38), дуелот меѓу Хрватска и Словенија доби уште поголемо значење за двете селекции.

На крајот се радуваа Хрватите, кои славеа со 29-25 и направија голем чекор кон пласман во полуфиналето на Европското првенство.

Хрватска одлично го отвори натпреварот и доминираше во почетните минути, додека Словенија имаше сериозни проблеми во нападот. Во првите десет минути Словенците постигнаа само еден гол, а на семафорот стоеше 4-1 за Хрватска.

Предноста од три погодоци Коцкестите ја одржуваа до крајот на првото полувреме, кое заврши со резултат 14-11.

Во вториот дел Хрватска го контролираше ритамот до средината на полувремето, но потоа Словенија се разбуди и со серија одлични напади стигна до израмнување на 18-18 во 42-рата минута, најавувајќи возбудлива завршница.

Сепак, Хрватите повторно ја презедоа иницијативата, поведоа со 21-19, а по клучната одбрана на Доминик Кузмановиќ, брзо ја зголемија разликата на „плус три“. Во финишот предноста беше рутински сочувана и дури зголемена за конечни 29-25.

Најефикасен кај победниците беше Тин Лучин со седум погодоци, додека кај Словенија по шест гола постигнаа Домен Макуц и Домен Новак. Голманот Кузмановиќ со неколку блескави интервенции во завршницата беше еден од хероите на мечот.

Со оваа победа Хрватска сега ја има судбината во свои раце, со шест бода се наоѓа на второто место, еден повеќе од Исланд, и со победа над Унгарија во последното коло сигурно обезбедува полуфинале.

- Оглас -

Најнови вести