Хрватите зачудени: Како брзата храна од „Мекдоналдс“ му даде сила на Шкупи

Патуваат со редовни авионски линии, спијат и јадат во „Мекдоналдс“, но сепак фудбалерите на Шкупи останаа непоразени во првиот дуел против фаворизираниот Динамо среде Загреб.

Македонскиот првак храбро се избори за поволен резултат од 2-2 на тешкото гостување на „Максимир“, па сега реваншот во Скопје го чека со нетрпение за повторно да покаже игра на високо ниво.

Хрватите се чудат како покрај сите непријатности со кои се соочува тимот на Шкупи, сепак успеа да го избегне сценариото кое сите го предвидуваа, да биде нокаутиран во хрватската метропола. Како добра оптичка илузија се покажа поразот од Линколн во Гибралтар, ги залажа Модрите дека Шкупи нема квалитет да се надигрува со најдобрите во овие квалификации.

За Динамо речиси ниеден план вчера не функционираше, избраниците на Чачиќ настапија во бледо издание, а човекот кој најчесто е во улога на спасител на екипата, голманот Ливаковиќ, овојпат беше трагичар за хрватскиот шампион. На другата страна пак искуството на Седлоски и минатото кое го дели со Динамо се покажаа како таен рецепт за неговите фудбалери да се вратат дома со гордо кренати глави.

Реваншот ќе се игра на 26 јули во Скопје од 21 часот, а победникот од овој двомеч ќе игра веројатно со Лудогорец, кој по првиот меч против Шемрок има убедливи 3-0.

- Оглас -

Најнови вести